Ahmet Gençtürk
02 Мај 2025•Ажурирај: 03 Мај 2025
АТИНА (АА) – Хуманитарниот брод што превезувал помош за Газа и на кој се наоѓале 16 лица e спасен од малтешките власти откако e нападнат со беспилотно летало и останал без погон, јавуваат локалните медиуми денес, јавува Анадолу.
Повикувајќи се на владино соопштение, јавниот радиодифузен сервис ТВМ објави дека реморкер со опрема за гаснење пожари му помогнал на бродот на Флотилата на слободата откако пратил повик за помош (СОС).
Според соопштението на Коалицијата Флотила на слободата, нападот со беспилотно летало го оставил бродот без електрична енергија и го ставил во „сериозна опасност од потонување“.
Малтешката Влада информира дека по барање од реморкерот, на местото бил пратен и патролен брод на Малтешките вооружени сили.
„Околу 2:13 часот по локално време беше потврдено дека сите лица на бродот се безбедни, но сите одбиле да го напуштат бродот“, се наведува во соопштението, додавајќи дека ситуацијата била ставена под контрола до 3:45 часот.
Бродот со име „Conscience“ (Совест) сѐ уште се наоѓа во меѓународни води и е под надзор на надлежните органи, додаваат властите.