Ali H. M.Abo Rezeg
06 Мај 2019•Ажурирај: 08 Мај 2019
ГАЗА (АА) - Бројот на загинати во дводневните воени израелски напади врз Појасот Газа, со кој управува Хамас, денес се искачи на 27 лица, откако уште две тела беа извлечени од урнатините, јавува Anadolu Agency (AA).
„Телата припаѓаат на Талал Атија Абу ал Џидиан и неговата сопруга Рагда Мохамед Абу ал Џидиан, кои вчера во израелски напад загинаа во нивниот дом во северниот дел на Газа“, изјави портпаролот на палестинското Министерство за здравство, Ашраф Кидра.
Во текот на изминатиот викенд, израелската Армија спроведе воздушни напади и изврши артилериски баражи врз крајбрежната енклава, а фракциите на отпорот во Газа одговорија со истрелување ракети кон јужниот дел на Израел.
Нападите завршија во зори денес, кога прекинот на огнот, чии прецизни услови остануваат нејасни, стапи на сила.
Според Кидра, други 177 Палестинци во Газа биле повредени како резултат на нападите, а поголемиот дел од нив се со посериозни повреди.
Израелските медиуми во меѓувреме објавија дека четворица Израелци биле убиени за време на дводневната размена на огнот, а 130 биле повредени.