Amir Latif Arain
31 Август 2022•Ажурирај: 01 Септември 2022
КАРАЧИ (АА) - Уште 36 лица го загубија животот во различни несреќи поврзани со обилните врнежи од дожд и поплавите низ Пакистан во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на загинати лица достигна 1.162, покажува официјалната статистика објавена денеска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од последните жртви, 19 се од североисточната покраина Пенџаб, чии јужни области се зафатени од огромни поплави предизвикани од поројните дождови во текот на изминатите две недели.
Девет лица, според Националната управа за справување со катастрофи, загинале во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва.
„Останатите смртни случаи се пријавени од јужната покраина Синд и југозападната покраина Белуџистан“, соопштија властите.
Од средината на месец јуни повредени се вкупно 3.554 лица во четирите покраини, северниот регион Гилгит-Балтистан и делот на Кашмир под контрола на Исламабад.
Околу 33,4 милиони Пакистанци во 72 области низ земјата се афектирани од обилните врнежи и поплавите, соопшти Националната управа за справување со катастрофи.
Постојаните дождови и големите поплави веќе уништија голем дел од инфраструктурата и земјоделските површини низ целата земја, вклучително и десетици илјади куќи, патишта и мостови, и предизвикаа угинување на речиси милион животни.