Ali Cura
31 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
МОСКВА (АА) - Почина Михаил Горбачов, последниот претседател на поранешниот Советски Сојуз, известува Агенција Анадолија (АА).
Централната клиничка болница на претседателската администрација на Руската Федерација соопшти дека 91-годишниот Горбачов починал синоќа по тешко и долго боледување.
Горбачов во периодот од 1985 до 1991 година беше генерален секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, највисокото раководно тело на Сојузот на Советските Социјалистички Републики (СССР).
По реформата направена во 1990 година во СССР беше воведен претседателски систем на водење на државата. Горбачов беше избран за претседател на СССР по гласањето во Врховниот совет. Горбачов функцијата претседател на СССР ја извршуваше од 1990 до 1991 година.
Со реформите иницирани од страна на Горбачов, наречени перестројка (реструктуирање) и гласност (отвореност), се стави крај на Студената војна, но во исто време заврши и политичката надмоќ на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз во земјата.
По повлекувањето на Горбачов од функцијата претседател на СССР на 25 декември 1991 година и официјално се распадна Сојузот на Советските Социјалистички Републики.