Ekipa
29 Јули 2022•Ажурирај: 30 Јули 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Бројот на жртви од поплавите предизвикани од обилните врнежи во селата околу главниот град на Иран, Техеран, се искачи на 18, соопштија денеска властите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хасан Нами, шеф на Националниот центар за кризи, рече: „Едно лице загина поради поплавите во селото Вескаре, источно од Техеран, а 14 возила се потопени.“
Тој додаде дека ситуацијата е посериозна во селото Мерздаран, покрај Техеран, каде што досега животот го загубиле шест лица, а спасувачките операции продолжуваат.
Според Иранската студентска новинска агенција (ISNA), Муртаза Мурадипур, шеф на Организацијата за помош и спасување „Црвена полумесечина“, објави дека „покрај претходните шест жртви, уште две тела се пронајдени во селото Имамзаде Давуд, северозападно од Техеран, додека потрагата по 19 исчезнати луѓе е сѐ уште во тек.“
„Седумстотини луѓе во селото беа евакуирани“, додаде Мурадипур.
Иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека три лица биле пронајдени мртви во реката Кен, северозападно од Техеран, за кои се смета дека исчезнале во поплавите во селото Имамзаде Давуд.
Државната метеоролошка служба издаде предупредување за нови обилни дождови утре и задутре и ги повика луѓето да ги избегнуваат водотеците и речните корита.