Ahmed Asmar
23 Декември 2024•Ажурирај: 23 Декември 2024
ГАЗА (АА) - Бројот на убиени во израелскиот напад врз шаторите на раселените цивили во, од Израел назначената, „безбедна зона“ на југот на Газа, се искачи на 11, соопшти медицински извор, јавува Анадолу.
Две деца се меѓу жртвите во нападот врз подрачјето на Ал-Маваси во западниот дел на Кан Јунис доцна синоќа, додаде изворот.
Лекарите претходно соопштија дека бројот на убиени е седум.
Службата за цивилна одбрана потврди дека нејзините тимови ги извлекле телата на неколку жртви од местото на нападот.
Според очевидци, во израелскиот напад се запалени шаторите, а луѓето и персоналот на цивилната одбрана се борат да го изгаснат пожарот.
Израел систематски гаѓаше цивилни објекти, вклучително училишта, болници и места за богослужба во својата офанзива врз Газа, постојано тврдејќи, честопати без докази, дека напаѓал цели на палестинската група Хамас.
Според правилата за војна, гаѓањето на цивилни објекти може да претставува воено злосторство.
Израел започна геноцидна војна врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, при што се убиени повеќе од 45.200 Палестинци, главно жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд минатиот месец издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против Газа.