Ekip
18 Август 2022•Ажурирај: 19 Август 2022
ЛОНДОН (АА) - Илјадници луѓе вчера излегоа на улиците на главниот град на Аргентина на, како што го нарекоа „марш против инфлацијата“, откако истакнатиот синдикат предупреди дека тоа би можело да биде прв од многуте протести, јавува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните кои присуствуваа на маршот во Буенос Аирес ја повикаа Владата да помогне во заштитата на нивните плати и куповна моќ, затоа што се тешко погодени од инфлацијата и девалвацијата на валутата, што придонесоа за опаѓање на вредноста на националниот пезос.
Членовите на работничките и социјалните движења маршираа од Обелискот на Буенос Аирес до Конгресот под слоганот „Прва е татковината“.
Синдикатот на работници на Генералната конфедерација на трудот (CGT), кој во голема мера ги застапува владините службеници, предупреди дека тоа би можело да биде „прва од многуте мобилизации“, доколку економската криза продолжи силно да ја погодува земјата.
„Инфлацијата достигна неподносливи нивоа кои ја нагризуваат куповната моќ на работниците, а голем дел од одговорноста ја имаат секторите кои присвоиле профит во време на загуби на работниците“, се вели во соопштението на синдикатот.
Раководството на ЦГТ, во кое членуваат Хектор Даер, Пабло Мојано и Карлос Акуна, одржа прес-конференција, барајќи од Владата да преземе мерки.
Даер бараше решенија, а не „процес на девалвација што ќе ги осиромаши луѓето и ќе ја зголеми масата на структурна сиромаштија“.
Мојано призна дека маршот во средата би можел да биде првиот од неколкуте собири доколку Аргентинците продолжат да бидат тешко погодени од поскапувањата на храната.
Акуна ги опиша зголемените трошоци за време на економската криза како трка што работниците ја губат. Сепак, тој остави простор за оптимизам, истакнувајќи дека ако платите ја вратат својата „куповна моќ“, тоа ќе биде за „доброто на целата земја“.
Факундо Мојано, синдикалец и политичар кој поднесе оставка од владејачката коалиција Френте де Тодос (Сечиј фронт) во август 2021 година, собирот го опиша како „повик за будење“ на Владата.
Во Аргентина, месечната стапка на инфлација во јули беше 7,4 отсто, што е највисоко ниво во последните две децении.
Според Националната агенција за статистика (INDEC) на Аргентина, потрошувачките цени се зголемиле за 71 отсто во изминатата година.