Ekip
18 Август 2022•Ажурирај: 22 Август 2022
ЛОНДОН (АА) - Илјадници работници низ Велика Британија денеска започнаа четиридневен штрајк поради долготрајните спорови за работните услови и неправедните плати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Работниците кои штрајкуваат се од Националната железница, „Транспорт за Лондон“ и „Лондонски автобуси“ и од други транспортни услуги и се членови на голем број синдикати, вклучувајќи го и Националниот синдикат на железнички, поморски сообраќај и транспорт (RMT).
„Националната железница не ја подобри својата претходна понуда за плаќање и компаниите кои управуваат со возовите, не ни понудија ништо ново. Шефовите на подземната железница се во тајни разговори со Владата за да ги намалат трошоците со кратење на работните места и поткопување на работните услови и пензиите“, рече шефот на РМТ, Мајк Линч.
Тој додаде дека штрајкот може да доведе до отпуштања и намалување на работниот капацитет за 50 отсто.
Британскиот министер за транспорт, Грант Шапс, го осуди масовниот штрајк и ги обвини учесниците во него за предизвикување непотребни пречки на милиони патници кои се потпираат на транспортните услуги во земјата за да стигнат до работа и да ги посетат семејството и пријателите.
Синдикатите кои го предводат масовниот штрајк, сепак, тврдат дека нивните работници се тешко погодени од кризата на трошоците за живот, со инфлација која достигна највисоко ниво од 10 отсто и намалување на платите. Понатаму тврдат дека лошите услови за работа им го загрозуваат животот.