Zuhal Demirci
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
ЛОНДОН
Откако Русија донесе одлука за признавање на сепаратистичките таканаречени републики на истокот на Украина, Велика Британија донесе одлука за санкционирање на пет руски банки и три физички лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Британскиот премиер Борис Џонсон во обраќањето пред Парламентот за последните случувања во Украина, ја нарече вчерашната одлука на Русија „негирање на легитимитетот на Украина како држава“.
Смета дека претседателот на Русија, Владимир Путин, формира „изговор“ за напад од полни размери.
„Ако се случи најлошото, тогаш европската земја со 44 милиони мажи, жени и деца ќе стане цел на целосна агресорска војна без трошка оправдување за апсурдни, па дури и мистични причини кои Путин синоќа ги наведе“, рече Џонсон.
Џонсон најави дека во рамките на првите санкции ќе бидат санкционирани пет руски банки и тоа „Росијаз банка“, „Исбанк“, „Генерална банка“, „Промсвјазбанк“ и „Црноморска банка“.
Генадиј Тимченко, Игор Ротенберг и Борис Ротенберг се поединци на кои ќе им бидат воведени санкции.
„Ќе им биде замрзнат сиот имот што го имаат во Велика Британија, ќе им биде забрането да патуваат тука и ќе забраниме каква било врска со нив на поединци и организации во Велика Британија“, рече Џонсон.
Додаде дека споменатите санкции кон Русија се прва фаза и дека во случај на инвазија од големи размери би можеле да бидат воведени дополнителни санкции.
„Треба да се подготвиме на долготрајна криза“, рече Џонсон.
Британскиот премиер кажа дека во синоќешниот разговор со украинскиот претседател Владимир Зеленски, Украина побарала дополнителна воена помош.
Џонсон истакна дека Велика Британија ќе продолжи да ѝ пружа поддршка на Украина и дека ќе го разгледа барањето за дополнителна помош.