Ömer Tuğrul Çam
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) објави дека првиот пакет санкции кон Русија е подготвен и ги вклучува оние што одлучија да ги признаат сепаратистите во Украина, банките кои ја финансираа руската Армија, пристапот на Русија до капиталот на ЕУ и финансиските пазари и трговија со сепаратистичките региони, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европскиот совет и Европската комисија издадоа заедничка изјава за првиот пакет санкции против Русија, што се очекува да биде воведен попладнево.
Беше нагласено дека одлуката на Русија да ги признае т.н. републики Доњецк и Луганск и да испрати војници во регионот е нелегална и неприфатлива и дека претставува кршење на меѓународното право.
Во соопштението се наведува дека првиот пакет санкции ќе биде официјално претставен по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ попладнево, по што пакетот ќе биде финализиран без одлагање.
Предлозите во содржината на пакетот санкции што го подготви ЕУ се насочени кон можноста руската држава и Влада да пристапат до капиталот и финансиските пазари и услуги на ЕУ, а потоа и кон ограничување на финансирањето за ескалациските агресивни политики. Цел се и банките вклучени во финансирањето на сепаратистичките активности во источна Украина. Двата сепаратистички региони, исто така, би можеле да бидат исклучени од договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Украина, за да се осигури дека одговорните јасно ги чувствуваат економските последици од нивните незаконски и агресивни дејствија.
Беше посочено дека ЕУ е подготвена да преземе дополнителни мерки во иднина со оглед на развојот на настаните и дека ЕУ застанала на страната на Украина.