Ekipa
09 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј денес го назначи Доминик Раб за нов министер за излез од Европската Унија (Брегзит), јавува Anadolu Agency (AA).
Рано утрово, британската Влада потврди дека министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, како и неговиот заменик Стив Бејкер, доцна синоќа поднеле оставка. Дејвис се противеше на планот на британската премиерка која се залага за „мек“ Брегзит, со задржување на силните трговски и административни врски со Брисел.
Новиот министер со мандат на највисок функционер на Лондон во преговорите со Европската Унија е Раб, британски пратеник кој е познат како близок соработник на премиерката Меј и силен поборник за излез на земјата од Европската Унија.
Министерот во заминување, Дејвис, смета дека Велика Британија во преговорите со ЕУ прелесно се откажува од многу работи.
Премиерката Меј во петокот во резиденцијата Чекерс одржа самит на британските официјални претставници, со цел надминување на несогласувањата во Владата за нејзиниот план за „мек“ Брегзит.
Иако Владата официјално го изгласа нејзиниот план, во владејачката структура сè погласни се опонентите, меѓу кои во првите редови беше министерот во заминување, Дејвис.