Burak Bir
27 Март 2026•Ажурирај: 30 Март 2026
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија, заедно со европските сојузници, треба да се подготви за поголемо европско лидерство во рамките на НАТО, во услови на зголемена неизвесност во нејзините односи со Соединетите АМерикански Држави (САД), се препорачува во парламентарен извештај објавен денес, јавува Анадолу.
Заедничкиот комитет за национална безбедносна стратегија ја повика Владата да се подготви за најлошо сценарио во кое САД можеби нема да застанат во одбрана на Европа за време на криза.
„Иако Комитетот препорачува Велика Британија да ја продолжи соработката со САД, исто така, смета дека Владата треба, заедно со европските сојузници, да се подготви за транзиција кон поголемо европско водство во НАТО и да продолжи да развива партнерства со земји што не се членки на Алијансата низ светот“, се наведува во документот.
Во него се истакнува и значителната стратегиска зависност од САД во области како што се нуклеарната одбрана, разузнавањето и конвенционалната воена моќ, но се укажува на сè поголема непредвидливост во односите меѓу двете земји.
„Непредвидливоста на односите со САД претставува зголемена загриженост“, изјави Мет Вестерн, претседател на Заедничкиот комитет за национална безбедносна стратегија.
„Зависноста на Велика Британија од САД за безбедносни гаранции има долга историја, а партнерството ќе трае и по премиерите и по претседателите. Но на Велика Британија ѝ е потребен јасен план за отстапување од некои области на стратегиска зависност за да се осигури дека Велика Британија може да ги оствари своите национални интереси“, додаде тој.