Haydar Hadi,Said İbicioğlu
15 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
БАГДАД (АА) - Во рамките на операциите против терористичката организација ДАЕШ, на југот од Мосул загина командантот на 71-та бригада, бригадниот генерал Бедир Ахмед ел-Лехиби, додека во Фалуџа седуммина војници го загубиле животот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата дадена од страна на Здружената команда на Ирак се вели дека во акција против ДАЕШ, во селото Ен-Насир, на југот од Мосул, загинал бригадниот генерал Лехиби.
Во врска со настанот со дописникот на АА зборуваше еден од командантите на ирачката војска, Нафиз Џубури, кој соопшти дека при обидот да се влезе во селото Насир, врз воените единици бил извршен самоубиствен напад, во кој животот го загубил бригадниот генерал Лехиби.
Ирачките сили вчера успеале да го вратат населеното место Насир, кое се наоѓа во близина на Мосул.
- Во Фалуџа загинаа седуммина војници -
Од друга страна, објавено е дека во градот Фалуџа, во покраината Анбар, во операциите против ДАЕШ, животот го загубиле седуммина војници.
Капетанот Ахмед Дулејми изјави дека на југот од Фалуџа, при обидот на ирачката војска да влезе во градот, настанал судир со милитантите на ДАЕШ. Дулејми соопшти дека во судирот седуммина војници го загубиле животот, додека 19 се ранети.
Капетанот Дулејми истакна дека ДАЕШ на југот од Фалуџа формирал силна линија на одбрана, од каде со ракетни фрлачи, минофрлачи и снајперисти, ги напаѓаат безбедносните сили во регионот.