Ahmet Gürhan Kartal
31 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
ЛОНДОН (АА) - Два случаја на коронавирус се потврдени во Велика Британија, што се првите случаи на вирусот во земјата, соопштија денес британските здравствени власти, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Можеме да потврдиме дека двајца пациенти во Велика Британија, членови на исто семејство, имаат позитивни резултати од тестирањето за коронавирус“, изјави Крис Вити, главен медицински претставник за Велика Британија.
„Пациентите добиваат специјалистичка медицинска нега, ние ги користиме пропишаните процедури за контрола на инфекцијата со цел да спречиме понатамошно ширење на вирусот“, рече тој.
Вити додаде дека Велика Британија е подготвена и дека се преземени робусни мерки за контрола на инфекцијата.
„Продолжуваме тесно да соработуваме со Светската здравствена организација и со меѓународната заедница за ширењето на епидемијата во Кина за да бидеме подготвени за сите евентуални случувања“, рече Вити.
Според официјалните претставници, Велика Британија денес од Кина враќа околу 150 британски и државјани на ЕУ.
Евакуираните лица треба да останат во карантин околу две недели.
Досега од коронавирусот во Кина починаа најмалку 213 лица, а речиси 10.000 се заразени. Над 120.000 лица се под медицински надзор.
Поради појавата на коронавирусот, Кина го стави градот Вухан под карантин, со цел да го запре вирусот, и во градот гради болница од 1.000 легла за третирање на заразените лица.
Освен во Кина, вирусот се прошири и во неколку други земји како Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Виетнам и Канада.
Патниците од Кина се прегледуваат за вирусот на аеродромите низ светот. Неколку авиокомпании, меѓу кои и „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), ги прекинаа летовите за Вухан и другите делови на Кина.
На вонредниот состанок одржан вчера, Светската здравствена организација прогласи меѓународна вонредна состојба поради вирусот.