Erbil Başay
22 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
БЕРЛИН (АА) - Во Германија уапсен е доктор кој работел во воено-разузнавачки затвор во Сирија, за кој постои основано сомнение дека извршил злосторства против човештвото, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Федералното обвинителство се наведува дека сирискиот државјанин Алаа М., за кого беше распишана потерница, бил приведен на 19 јуни, а два дена подоцна е изведен пред Федералниот суд кој му одреди притвор.
Се наведува и дека Алаа М. бил доктор во затвор на Воено-разузнавачката служба во сирискиот град Хомс, и дека таму вршел тортура врз затвореници. На товар му се ставаат и кривичните дела злосторство против човештвото и нанесување повреди.
Се наведува дека лицето А. било донесено во затворот во Хомс поради учество во демонстрациите на 23 октомври 2011 година. Лицето за време на тортурата претрпело епилептичен напад, поради што бил повикан лекар.
Алаа М. влегол во просторијата, зел пластична цевка и почнал да го удира затвореникот, кој паднал на подот. Д-р Алаа М. потоа продолжил да го удира.
Еден ден подоцна, здравствената состојба на затвореникот А. значително се влошила, поради што повторно е повикан докторот. Алаа М. и доктор од друг затвор почнале повторно да го удираат А., додека не изгубил свест. Потоа затворските чувари го завиткале затвореникот во ќебе и го изнеле од ќелијата. Затвореникот подоцна починал, а точната причина за смртта не е објавена.
Алаа М. во 2015 година дошол во Германија, каде што последните пет години работел како доктор.