Nuri Aydın
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
АНКАРА
Истражувачите предвидоа дека евентуална нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан може да доведе до смрт на околу 125 милиони луѓе, а исто така може да има сериозни последици врз животната средина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според „Телеграф“ (The Telegraph), во студијата објавена во „Сајенс адвансес“ (Science Advances) се истакнува дека евентуална нуклеарна војна меѓу Индија и Пакистан за неколку дена би можела да убие 125 милиони луѓе и да предизвика еколошка катастрофа.
Во истражувањата, исто така се наведува дека покрај смртта на милиони луѓе поради нуклеарните облаци, сончевата светлина што паѓа на земјата ќе се намали за 20 до 35 проценти, а тоа ќе предизвика намалување на температурите од 2 до 5 степени и намалување на врнежите од дожд и снег за 15 до 35 проценти.
Евентуалната промена на климата како резултат на нуклеарното оружје може да доведе до 15 до 30 проценти намалување на земјоделското производство, а таа состојба ќе доведе до недостиг на земјоделски производи. Според истото истражување, ефектите од нуклеарната војна би можеле да траат повеќе од 10 години.
„Извештајот е објавен навреме. Конфликтот за Кашмир меѓу Индија и Пакистан продолжува и секој месец на границите умираат луѓе. Ваква војна е закана за целиот свет, не само за местата каде што ќе паднат бомбите“, истакна истражувачот Алан Робок.
Истражувачот Брајан Тун, истакна дека „тоа би била невидена војна досега. Се надевам дека Пакистан и Индија ќе го разгледаат ова истражување.“
Во извештајот исто така се истакнува дека неуспехот да се постигне напредок во решавањето на регионалните проблеми меѓу Индија и Пакистан, продолжувањето на воените конфликти и брзото ширење на нуклеарното вооружување претставуваат извор на загриженост.