Zehra Nur Düz
04 Октомври 2019•Ажурирај: 05 Октомври 2019
ВИЕНА (АА) - Централнодесничарската Народна партија (OVP) на поранешниот канцелар Себастијан Курц се најде на првото место на предвремените парламентарни избори во Австрија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според официјалните резултати објавени од Министерството за внатрешни работи на Австрија, партијата освоила 37,5 отсто од гласовите на изборите кои се одржаа во неделата, односно 71 пратеник.
Социјалдемократската партија на Австрија (SPO) се најде на второто место со 21,2 отсто освоени гласови, екстремнодесничарската Слободарска партија на Австрија (FPO) е трета со 16,2 отсто и Партијата на зелените беше четврта со 13,9 отсто.
Иако е втора по ред според освоените гласови, ова се најслабите резултати на Социјалдемократската партија на Австрија (SPO) во историјата на партијата.
Слободарската партија на Австрија (FPO), претходниот коалиционен партнер на Народната партија, изгуби околу 10 отсто од гласовите споредбено со претходните избори, што се должи главно на корупцискиот скандал кој и го предизвика одржувањето на вонредни избори.
Додека Слободарската партија изгуби повеќе гласови отколку што предвидуваа анкетите, Зелените пак добија многу повеќе гласови отколку што се очекуваше.
Австријците минатата недела избираа 183 члена на Парламентот, од 1.476 парламентарни кандидати, од кои 27 од турско потекло.
Одлуката за одржување на предвремени избори се случи по распадот на 17-месечната екстремнодесничарска коалиција во мај, откако тогашниот вицеканцелар и челник на Слободарската партија, Хајнц Кристијан Штрахе, се повлече од функцијата поради корупциски скандал, откриен преку видеоснимки.
Речиси четири месеци, со земјата раководеше поранешната претседателка на австрискиот Уставен суд, Брижит Биерлејн, која беше назначена за канцелар од претседателот Александар ван дер Белен, и привремената Влада што ја формираше таа.