Alyssa Mcmurtry
27 Ноември 2024•Ажурирај: 28 Ноември 2024
ОВИЕДО (АА) - Најмалку три лица загинаа, а осум се повредени по силната експлозија што денес се случи во фабрика за пластика во шпанската област Валенсија, пренесува Анадолу.
Серхио Караско, градоначалникот на Иби, градот каде што се случи експлозијата, рече дека синот на сопственикот на компанијата бил итно пренесен во болница во Валенсија со тешки повреди, јави шпанскиот дневен весник „Леванте“.
Експлозијата се случила околу пладне во фабриката за пластика „Клајмбер С.А.“.
Извештаите укажуваат дека катастрофален дефект на бојлер ја предизвикал експлозијата и тоа довело до уривање на покривот и ѕидовите на фабриката.
Вработените во итната помош спасија неколкумина вработени затрупани под урнатините.
Очевидци за „Леванте“ изјавија дека експлозијата била „огромна“, додавајќи дека можеле да слушнат врисоци и луѓе како довикуваат за помош однатре.
Во експлозијата е оштетена и соседната фабрика за картон.
Смртоносниот инцидент се случи само неколку дена откако работник во Валенсија загина при проверка на зграда оштетена во катастрофалните поплави од крајот на минатиот месец.
Денешната експлозија се случи во подрачје на Валенсија што не беше погодено од неодамнешните поплави.