Ekipa
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Во Женева, Швајцарија, започна првото заседавање на Уставниот комитет на Сирија, а седницата ја отвори специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Геир Педерсен, јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на состанокот, специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен, изјави „Тука еден наспроти друг седат членовите на режимот и на опозицијата. Ова е историски момент“.
Педерсен нагласи дека покрај делегациите од двете страни, на состанокот присуствуваат и 50 члена на невладини организации, и додаде дека сите тие претставници кои доаѓаат од различни вери, од различни подрачја и се со различни искуства, со нивното учество на состаноците ќе имаат голем придонес врз процесот.
„Комитетот се собира врз основа на одредени принципи. Тоа е процес базиран врз основа на принципите на повелбата на ОН, одлуките на Советот на безбедност на ОН, единството на Сирија, територијалниот интегритет, независноста и уставната структура на земјата предводена од Сиријците“, рече Педерсен во своето обраќање.
„Од мојата екипа не очекувајте да ви каже што да напишете во вашиот Устав. Вие, Сиријците, членовите на овој комитет, самите ќе го подготвите нацртот, а народот на Сирија ќе го изгласа“, истакна Педерсен, додавајќи дека со најдобра намера ќе ја преземе сета задача за медијаторство.
Состанокот на кој учествуваат 150 Сиријци - членови на Комитетот, продолжува со обраќањата на копретседавачот на делегацијата на режимот, Ахмед Кузбари и копретседавачот на опозициската делегација, Хади ел Бахра.