Muhammed Sabry
08 Ноември 2023•Ажурирај: 09 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Бројот на Палестинци загинати во израелските напади врз Појасот Газа се искачи на 10.569, соопшти денес Министерството за здравство во блокираната енклава, јавува Анадолу.
„Од вкупниот број загинати, 4.324 се деца, 2.823 се жени и 649 се стари лица, а над 26.000 луѓе се повредени“, изјави портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кудра, на прес-конференцијата во градот Газа.
Тој изјави дека е пријавено оти 2.550 лица, меѓу кои 1.350 деца, се затрупани под урнатините.
„Во израелската агресија загинаа 193 медицински лица, а уништени се 45 возила на брза помош“, додаде портпаролот.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври. Оттогаш, според официјалните податоци, загинале речиси 1.600 Израелци.
Покрај големиот број жртви и масовните раселувања, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа поради израелската опсада.
Храната е при крај, а пекарниците во Газа не работат, јави Светската програма за храна. Агенцијата на Обединетите нации во своето соопштение истакна дека се обидува да ги интензивира активностите итната помош во храна да стигне до над 1 милион луѓе. „Но хуманитарниот пристап мора да се прошири“, се нагласува.