Burç Eruygur
14 Октомври 2022•Ажурирај: 16 Октомври 2022
АСТАНА (АА) - Самитот на шефови на држави на Заедницата на независни држави (ЗНД) се одржува денеска во Астана, главниот град на Казахстан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Домаќин на Самитот е казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, а учествуваат лидерите на Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Киргистан, Русија, Туркменистан, Таџикистан и Узбекистан.
Собирот започна со заедничко фотографирање.
„Денеска важни прашања поврзани со хуманитарното партнерство, безбедноста и другите аспекти на нашата соработка беа доставени на разгледување на овој Совет“, рече Токаев пред средбата.
Токаев им се заблагодари на своите колеги за нивната поддршка на казахстанските иницијативи под негово претседателство и нивното активно учество на меѓународните настани што се одржаа во Астана во последните денови, вклучувајќи ја и шестата Конференција за интеракција и мерки за градење доверба во Азија.
Тој особено му се заблагодари на претседателот на Туркменистан, Сердар Бердимухамедов, кој првпат присуствува на Самитот.
На дневниот ред на Самитот на ЗНД се темите за интеграција, соработка, економија, хуманитарни прашања, натамошен развој на трговското и инвестициското партнерство во рамките на организацијата и безбедносни прашања.
Советот на шефови на држави на ЗНД е врховниот орган на таа организација, основан во 1991 година, на кој се дискутираат и решаваат клучни прашања од заеднички интерес.
Улогата на претседавач во ЗНД од Казахстан ќе ја преземе Киргистан.