ИСТАНБУЛ (АА) - Во многу земји денес на различни начини се одбележува Невруз или празникот на пролетта, но овогодишното одбележување е во сенката на пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Невруз, кој се одбележува на 21 март секоја година, за многу луѓе е предвесник на пролетта и симбол на мирот, радоста и единството.
За овој празник се поврзуваат различни легенди за повторното раѓање на природата и раѓањето на нова надеж кај луѓето и неретко се практикуваат и разни обреди и молитви за подобро утре за поединците и човештвото воопшто.
За време на Невруз луѓето се собираат, а особено семејствата и пријателите, во своите домови или на улиците. Првин се посетуваат најстарите членови на семејството, луѓето се среќаваат и разменуваат подароци, а на зајдисонце се организира голема гозба, музика и танц.
Оваа година граѓаните на многу земји на различни начини го одбележаа празникот Невруз, меѓу кои и граѓаните на Турција, Авганистан, Азербејџан, Грузија, Таџикистан и Киргистан.
- Прескокнување преку оган -
Бројни граѓани во Турција го одбележаа денешниот ден со традиционални обичаи, од кои најинтересниот е прескокнување преку оган. Се верува дека прескокнувањето над огнот го штити човекот од зло и болести, па поради тоа на првиот ден од пролетта симболично се прескокнува пламен.
Како дел од одбележувањето на овој празник во многу градови се подготвува специјална храна, а едно од најважните јадења е баклавата.
На фестивалите организирани по повод празникот во Авганистан присуствуваа голем број владини претставници, парламентарци, дипломатски претставници на странски земји и бројни граѓани.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Невруз, празникот на пролетта, носи надеж и радост во срцата на луѓето.
„Би сакал да оживее чувството на единство и солидарност на кое особено укажува Невруз, што со посебна радост се одбележува илјадници години на пошироко подрачје од Централна Азија до Анадолија и Балканот, да заживее во целиот свет“, рече Ердоган.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабичвили, им посака мир, љубов и среќа на сите луѓе во пораката по повод Невруз.
- Невруз го промовира мирот -
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), на предлог на земјите што го одбележуваат овој празник, го прогласи Невруз за ден што го промовира мирот и солидарноста. Станува збор за празник од дамнина, кој го означува првиот ден на пролетта и обновувањето на природата. Невруз е впишан на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО во 2009 година.
Прославувањето што промовира хармонија и единство меѓу генерациите датира од древниот Иран, а во иранската митологија со Невруз се поврзуваат неколку митови.
Некои го одбележуваат Невруз како ден кога Бог го создал светот, а други како денот кога Ное прв пат стапнал на копно. Некои, пак, го одбележуваат како ден кога е создадено првото човечко суштество, а некои веруваат дека денот и ноќта траат подеднакво на Невруз и дека претставува предвесник на пролетта.
Околу 300 милиони луѓе во светот го одбележуваат Невруз со свои традиции и ритуали, во одредени делови на Балканот, во регионот на Црното Море и Каспиското Море, Кавказот, Централна и Јужна Азија и на Блискиот Исток.
Невруз се одбележува во Авганистан, Албанија, Азербејџан, Индија, Иран, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Турција и Туркменистан. Како државен празник се одбележува во Иран, Ирак, Грузија, Ерменија, Авганистан, Азербејџан, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан и Киргистан.