Dmitri Chirciu
13 Декември 2023•Ажурирај: 14 Декември 2023
МОСКВА (АА) - Формирањето независна палестинска држава ќе стави крај на насилството и ќе обезбеди долгорочен мир и стабилност во регионот, изјави шефот на Советот на руските муфтии, Равил Гајнутдин, јавува Анадолу.
Гајнутдин на 19. Меѓународен муслимански форум во Москва рече дека Русија е за независна палестинска држава со главен град Источен Кудс (Ерусалим).
„Ова е основно решение за ставање крај на насилството, обезбедување долгорочен мир и стабилен развој на Блискиот Исток, глобална безбедност и намалување на тензиите низ светот“, рече тој.
Потенцирајќи дека ова прашање треба да се реши политички, Гајнутдин нагласи дека продолжувањето на насилството ќе доведе до нови конфликти.
„Без праведен и сеопфатен мир во Светата земја (Кудс), ничија безбедност во регионот не може да се обезбеди. Прашањето на Блискиот Исток останува еден од најкомплексните глобални проблеми од самиот почеток“, додаде Гајнутдин.
Тој истакна дека сегашната криза може да се реши само со формирање „праведен светски поредок“ заснован врз принципите на мултиполарност и рамнотежа на различни центри на моќ.
Од друга страна, Махмуд Ерол Килич, шеф на Истражувачкиот центар за исламска историја, уметност и култура (ИРЦИЦА), нагласи дека резултатот од агресивните дејства против Палестинците во Газа е јасно кршење на меѓународното право.
Килич рече дека религијата треба да игра важна улога во водењето на луѓето во овој период.
- Израелските напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 7:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени 18.412 Палестинци, а ранети се над 50.100 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Меѓу убиените најмалку 8.000 се деца, а 6.200 се жени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.