Zafer Fatih Beyaz
14 Септември 2020•Ажурирај: 15 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Во вооружен напад врз возило на турската Црвена полумесечина, во северниот дел на Сирија е убиен хуманитарен работник, а друг е ранет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турската Црвена полумесечина соопшти дека нападот се случил на патниот правец меѓу Кобанбеј и Ал Баб по кој возилото се движело со јасно истакнати ознаки и натписи на таа хуманитарна организација.
Во соопштението се наведува дека маскираните напаѓачи со две нерегистрирани возила го пресретнале и отвориле оган врз возилото на хуманитарците.
Во нападот е убиен хуманитарец на Црвената полумесечина, кој работел во хуманитарната продавница во Ал Баб, а друг хуманитарец во возилото е ранет. Третиот хуманитарец во возилото го преживеал нападот без повреди.
Ранетиот хуманитарец е згрижен во болницата во Кобанбеј и не е животно загрозен, а наскоро се очекува и негово префрлање на лекување во Турција.
Генералниот директор на Црвената полумесечина на Турција, Керем Киник, најостро го осуди нападот, нарекувајќи го подмолен и недозволен чин извршен против хуманитарците на Црвената полумесечина, кои имаат меѓународен имунитет и кои ги штити меѓународното право.
„Уверен сум дека со напорите на нашата земја, напаѓачите наскоро ќе бидат фатени. Испраќам порака со сочувство до целото семејство на Црвената полумесечина“, порача Киник, кој кратко по нападот допатува во северниот дел на Сирија.