Ahmed Asmar
03 Април 2025•Ажурирај: 03 Април 2025
АНКАРА (АА) - Најмалку 44 Палестинци се убиени во новите израелски воздушни напади врз Појасот Газа, јавува Анадолу.
Во израелските воздушни напади е погоден станбен блок во населбата Шејаја во градот Газа, при што се убиени 15 лица, изјави медицински извор.
Изворот рече дека уште пет лица ги загубиле животите во израелските напади врз домовите на улицата Ал-Јармук во центарот на градот Газа.
Израелски борбени авиони нападнаа и три палестински дома, при што се убиени најмалку 12 лица во источниот дел на Кан Јунис во јужниот дел на Газа, изјави друг медицински извор.
Уште 12 лица беа убиени кога израелските сили бомбардираа домови и шатори во кои се засолнети раселените цивили во неколку области во градот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата вети дека ќе ги ескалира нападите врз Газа поради напорите за спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.
Израел започна ненадејна воздушна кампања во Газа на 18 март и оттогаш уби повеќе од 1.000 Палестинци, а рани над 2.500, прекршувајќи го јануарскиот договор за прекин на огнот и размена на затвореници меѓу Израел и палестинската група на отпорот Хамас.
Во израелските напади од октомври 2023 година досега во Газа се убиени повеќе од 50.400 Палестинци, повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.