Nour Mahd Ali Abu Aisha,Ali Semerci
08 Јуни 2017•Ажурирај: 09 Јуни 2017
ГАЗА (АА) - Десетици Палестинки во Газа учествуваа на протестите за поддршка на палестинските затворенички во израелските затвори, јавува Anadolu Agency (AA).
Организатор на демонстрациите е Палестинското исламско движење, а учесниците носеа транспаренти со натписи и барања за ослободување на затвореничките.
Меѓу присутните беше и Амина Хамид, портпаролка на одделот за жени при Палестинското исламско движење.
„Затвореничките во израелските затвори се жртви на физички и психички измачувања кои се спротивни на меѓународните закони“, потсети Хамид.
Таа смета дека Израел мора да ги почитува меѓународните закони што ги штитат затворениците во израелските затвори.
Истовремено, Хамид го осуди тоа што светот мирно набљудува како Израел ги крши правата на палестинските затвореници.
Таа ги повика меѓународната заедница и организациите за заштита на човековите права да вршат притисок на Израел за да се подобрат животните услови на палестинските затвореници.
Тарик Ебу Селуф, поранешен затвореник во израелскиот затвор, изјави дека од 1967 година се уапсени 15.000 Палестинки.
И тој истакна дека затвореничките се измачувани, физички и психички, дека се извршуваат упади во нивните ќелии и дека тоа е отворено кршење на нивните права.
Од Комитетот за прашања на затворениците при Палестинската ослободувачка организација (PLO) во саботата соопштија дека бројот на Палестинките во изрелските затвори е зголемен на 56 и дека живеат во многу лоши услови.
Од друга страна, израелската војска и полиција соопштија дека на неколку подрачја во Ерусалим и на Западниот Брег се приведени десет Палестинци, од кои три малолетни лица на возраст од 13 до 16 години.