Kemal Karadağ
15 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за национална одбрана на Турција соопшти дека се уништени 81 позиција во операцијата „Канџа-орел“, насочена кон цели на терористичката организација ПКК во северен Ирак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството на својот профил на Твитер информираше за операцијата „Канџа-орел“, која беше насочена кон терористичките гнезда во Синџар, Караџак, Кандил, Зап, Авашин Басјан и Хакурк, лоцирани на северот на Ирак и користени како база од страна на терористите.
„Со операцијата „Канџа-орел“, уништени се 81 цел, што се состојат од засолништа и пештери кои им припаѓаат на терористите кои се закана за нашата земја, нашата нација и на граничната безбедност. Нашите авиони се вратија безбедно во своите бази“, се истакнува во соопштението на Министерството.
Во соопштението се наведува дека во операцијата била употребена муниција од домашно, турско производство и дека терористичката организација претрпела голема штета.
„Во планирањето и извршувањето на операцијата, покажана е максимална чувствителност за безбедноста на цивилите и на животната средина. Турските вооружени сили, како и во минатото така и денес, ќе продолжат да се борат против тероризмот за опстанокот и безбедноста на нашата земја и нација сѐ додека не биде неутрализиран последниот терорист“, се додава во соопштението.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.