Büşra Selvi Öğütcen
01 Август 2022•Ажурирај: 02 Август 2022
АНКАРА (АА) - По атентатот на поранешниот премиер Шинзо Абе во Јапонија, утврдено е дека довербата на јавноста во Владата е намалена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенцијата „Кјодо“ спроведе телефонска анкета со гласачите во Јапонија, по атентатот на поранешниот премиер Шинзо Абе на 8 јули.
Во истражувањето гласачите одговараа во врска со наводите за врските меѓу политичарите и сектата Моон, кои се појавија по атентатот, организирањето на официјален погреб на Абе и зголемените случаи на Ковид-19.
Резултатите од истражувањето покажаа дека довербата на јавноста во Владата на премиерот Фумио Кишида опаѓа.
Јавната доверба во Владата падна за најмалку 12 процентни поени и изнесува 51 процент.
Со тоа, администрацијата на Кишида, која ја презеде функцијата во октомври 2021 година, има најниска стапка на доверба.
Од друга страна, 53,3 отсто од учесниците во анкетата се спротивставија да има официјален погреб на убиениот поранешен премиер Абе. Опозицијата во земјата исто така тврди дека нема законска одредба за официјален погреб.
61,9 отсто од испитаниците поддржаа во Парламентот да се дебатира за одлуката дали да се одржи официјален погреб на Абе.
Во анкетата 80,6 отсто од испитаниците бараат политичарите да разјаснат дали имаат врски со сектата Моон.
Во однос на случаите на Ковид-19, поддршката дадена за владината борба против епидемијата е намалена за 7,7 поени и изнесува 53,3 отсто.
Според резултатите од истражувањето спроведено во Јапонија пред неколку недели, довербата на јавноста во Владата изнесувала 63,2 отсто, додека оние кои ѝ дале доверба на Владата во борбата против Ковид-19 биле 61 отсто.