Hassan Isilow
10 Мај 2024•Ажурирај: 15 Мај 2024
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) – Јужноафриканската Република е домаќин на првата глобална конференција за Палестина против апартхејдот, чија цел е да стави фокус на израелската војна во Газа и колонијализмот на илегалните еврејски доселеници, меѓу останатите прашања, јавува Анадолу.
Тридневната конференција започна денес во Конвенцискиот центар Сандтон во Јоханесбург и привлече меѓународни говорници меѓу кои и Деклан Керни, претседавач на Шин Фејн, ирската републиканска и демократска социјалистичка политичка партија, Мустафа Баргути, палестински активист за човекови права и политичар, и Рони Касрилс, поранешен министер за разузнавање на Јужноафриканската Република.
„Нема да го простиме она што им се случи на Палестинците. Дехуманизацијата на Палестинците. Тие не дозволија Палестинците да ги погребаат своите најблиски“, рече Мустафа Баргути на конференцијата.
Баргути истакна дека она што се случува во Палестина е глобална неправда против еден народ. „Она со што се соочуваме не е само апартхејд, туку злобен план на доселеничкиот израелски систем да ја уништи Палестина. 70 отсто од палестинското население е раселено“, додаде тој.
Порача дека светот треба да праша каде се меѓународното право и човековите права за тековната израелска војна против Газа и другите светски конфликти.
Тој нагласи дека Палестинците нема да ја напуштат својата земја, нема да се предадат, ниту да се откажат. Баргути, исто така, се заблагодари на Јужноафриканската Република што застана покрај угнетениот палестински народ со тоа што го изведе Израел пред Меѓународниот суд на правдата, каде што Израел е обвинет за геноцид.
Во привремената пресуда во јануари се наведува дека е „веројатно“ дека Тел Авив врши геноцид во крајбрежната енклава и му се наредува на Тел Авив да ги запре таквите акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.
Керни, пак, нагласи дека обемот на солидарност на обичните луѓе кон Палестина низ светот е „досега невиден“, а случајот пред МСП на Јужноафриканската Република против Израел е „храбар“.
Тој нагласи дека Израел никогаш нема да го победи палестинскиот дух на отпор, порачувајќи: „Ние сме покрај палестинскиот народ на неговиот долг пат кон слободата, и никогаш нема да го напуштиме.“