Ekip
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
БРИСЕЛ
Надлежните за заштита на податоците во сите земји на Европската унија можат да покренат постапки поради кршење на правилата за приватните податоци против Фејсбук, иако станува збор за компанија со седиште во Ирска, оцени денеска генералниот правобранител на Судот на правдата на ЕУ, Мишал Бобек, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во случајот на Фејсбук, надлежното тело за заштита на податоците во Ирска е на прво место одговорно за спроведувањето на процедурите поради кршење на законите на ЕУ за заштита за податоците, наведено е во мислењето на Бобек.
Меѓутоа, правните наоди покажаа и дека „водечкото тело за заштита на податоците не може да биде сметано како единствен извршител на Општиот закон за заштита на податоците во прекуграничните ситуации и дека мора одблиску да соработува со сите останати органи за заштита на податоците на кои тоа се однесува".
Тоа значи дека било кој орган надлежен за заштита на податоците во земјите на ЕУ може да покрене постапка против Фејсбук или било која друга компанија поради непочитување на Општиот закон.
Белгија во 2015 година покрена постапка против Фејсбук поради примена на „авторизирани колачиња" на профилите на белгиските корисници.
Со оглед дека седиштето на таа компанија е во Ирска, Фејсбук соопшти дека тоа е единствен надлежен орган кој може да коментира таква жалба. Генералниот правобранител го одби таквото мислење.
Советите на генералниот правобранител не се правно-обврзувачки за Судот на ЕУ, но тие се усвојуваат во поголемо мнозинство случаи.
Доколку бидат усвоени, надлежните ќе можат да покренат постапки против платформите на социјалните мрежи ширум ЕУ.