Mücahit Oktay
02 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) – Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) денеска ќе гласа за Нацрт-резолуцијата со која се осудува рускиот воен напад врз Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во седиштето на ОН во Њујорк, Нацрт-резолуцијата поддржана од 90 земји ќе биде ставена на гласање пред 193 земји членки на организацијата. Како една од копретставувачите на Нацрт-резолуцијата, Турција стана една од земјите од основната група која придонесе за содржината на текстот.
Во финалната верзија на Нацрт-резолуцијата до која дојде дописникот на АА од извори на ОН, најостро се осудуваат руските напади врз Украина, и од Москва се бара „итно и безусловно повлекување на сите воени сили од територијата на Украина“.
Истакнувајќи го суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во Нацрт-резолуцијата се вели: „Со најсилно жалење беше дочекана агресијата на Руската Федерација врз Украина која го прекршува став 4 на членот 2 од Конвенцијата на ОН.“
Нагласувајќи дека Русија треба да ги прекине своите воени активности во Украина, со Нацрт-резолуцијата се повикува Москва „веднаш, целосно и безусловно да се повлече од територијата на Украина“.
Во Нацрт-резолуцијата, во која се вели дека е неважечка одлуката на Русија за признавање на таканаречените републики Доњецк и Луганск од 21 февруари, се нагласува дека е потребно „Русија веднаш и безусловно да ја откаже оваа одлука“.
Во Нацрт-резолуцијата, со која се повикуваат сите страни да го почитуваат Договорот од Минск, се наведува и дека треба да се обезбеди пристап до областите во кои треба да се достави хуманитарна помош.
Во истиот документ, обраќајќи се и на Белорусија, која изјави дека е на страната на Русија, се вели: „Иако го изразуваме своето незадоволство од вмешаноста на Белорусија во оваа незаконска употреба на сила против Украина, ја повикуваме да се придржува кон меѓународните обврски.“
Со Нацрт-резолуцијата, исто така, се бара координаторот за итна помош до Генералното собрание да поднесе извештај за хуманитарната ситуација во Украина, 30 дена по усвојувањето на Резолуцијата.
За Нацрт-резолуцијата да биде прифатена од Генералното собрание, потребно е да гласаат „за“ две третини од членките на организацијата, односно најмалку 128 од 193 земји.
Доколку Генералното собрание ја прифати Нацрт-резолуцијата, што е значајно од аспект на прикажување на општиот пристап на земјите членки на ОН за некоја тема, таа нема моќ за санкционирање.