Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
18 Септември 2024•Ажурирај: 19 Септември 2024
ХАМИЛТОН (АА) - Генералното собрание на Обединетите нации денес со големо мнозинство ја одобри резолуцијата со која се повикува на „прекин на незаконската“ окупација на Израел во рок од 12 месеци, јавува Анадолу.
Резолуцијата, чиј предводник беше Палестина, е усвоена со огромен консензус, 124 земји членки гласаа за, 14 против, а 43 беа воздржани.
Имено, во резолуцијата, коспонзорирана и од Туркије заедно со над 50 земји членки, се укажува дека окупацијата на палестинските територии од страна на Израел е нелегална според меѓународното право, вклучително и од одлуките на Меѓународниот суд на правдата (МСП) и Советот за безбедност на ОН (СБОН).
Истакнувајќи дека со израелските населби се крши и меѓународното право, во резолуцијата се нагласува дека палестинскиот народ има право на самоопределување според Повелбата на ОН.
Потврдено е дека прашањето за Палестина е „постојана одговорност на Обединетите нации“ додека не се реши во согласност со меѓународното право и нагласена е итната потреба Израел да ја прекине окупацијата што ја започна во 1967 година.
Со резолуцијата дополнително се повикува генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да претстави извештај за имплементација на резолуцијата во рок од три месеци од нејзиното усвојување.