Ayhan Şimşek
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Германија регистрираше рекордни 85.837 политички мотивирани кривични дела во 2025 година, при што прекршоците на крајните десничари – вклучително и кривичните дела од омраза и насилните напади, сочинуваат приближно половина од вкупниот број, соопшти денес Министерството за внатрешни работи, јавува Анадолу.
Според статистиката на Министерството, неонацистите и екстремистите од крајната десница сториле 42.544 вакви дела. Во оваа бројка се регистрирани 8.396 случаи на кривични дела со ксенофобична заднина, како и 4.138 вербални и физички напади врз верските заедници, каде што се евидентирани и антисемитски и исламофобични инциденти.
Насилните напади од страна на десничарските екстремисти го достигнаа своето највисоко ниво од 2017 година наваму. Тие извршиле 1.598 насилни напади врз мигранти, бегалци и политички неистомисленици, што е пораст за повеќе од 7 отсто во споредба со претходната година, кога биле повредени најмалку 1.146 лица.
Министерот за внатрешни работи, Александер Добринт, ги опиша вкупните бројки како рекордно високи и изјави дека десничарскиот екстремизам и понатаму останува доминантна закана.
„Убедливо најголемиот број прекршоци се извршени од страна на десничарските и екстремисти од крајната десница, што уште еднаш покажува дека најголемата опасност во моментов доаѓа токму од десничарскиот екстремизам“, изјави Добринт на прес-конференцијата во Берлин.
Тој исто така изрази загриженост поради порастот на левичарската радикализација. Левичарските екстремисти минатата година извршиле 13.490 кривични дела, што претставува зголемување за повеќе од 35 отсто во споредба со претходната година, соопшти Министерството. Податоците исто така регистрирале 6.886 кривични дела извршени од страна на следбеници на екстремистички странски групи, како и 1.983 дела мотивирани од екстремистички верски идеологии.