Ayhan Şimşek
06 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
БЕРЛИН
Омикрон-варијантата на коронавирусот се шири брзо, но нивото на хоспитализација останува релативно ниско во Германија, покажаа официјалните податоци денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“, агенција за контрола на болести во земјата, пријави 8.916 нови случаи на Омикрон во изминатите 24 часа, со што вкупниот број на инфекции од новата варијанта е 51.472.
Хоспитализациите поврзани со Омикрон изнесуваат 538, што претставува околу 1 процент од сите инфекции од оваа варијанта.
Досега, 15 луѓе починале откако се заразиле со Омикрон, според официјалните податоци.
Министерот за здравство на Германија, Карл Лаутербах, рече дека иако раните податоци покажуваат дека новата варијанта предизвикува помалку смртни случаи и помалку тешки облици на болеста, оние кои се невакцинирани, се изложени на зголемен ризик.
Во средата, тој повторно ги повика невакцинираните луѓе да ја примат првата доза на вакцина без одложување, истакнувајќи дека вакцинацијата го намалува ризикот од сериозно заболување како последица од вирусот.
Тој, исто така, ги повика луѓето да примат бустер дози, велејќи дека тоа обезбедува најдобра заштита против Омикрон.
И покрај изминатите напори на германската Влада да го зголеми нивото на вакцинација, околу 25 проценти од популацијата не примиле ниту една доза од Ковид-19 досега. Околу 15 проценти од невакцинираните луѓе се возрасни над 18 години.
Околу 71,5 проценти од популацијата се целосно вакцинирани против Ковид-19 и околу 41 проценти од нив примиле бустер дози, според официјалните податоци.