Oliver Towfigh Nia
09 Септември 2024•Ажурирај: 10 Септември 2024
БЕРЛИН (АА) - Германија денес изрази жалење за убиството на турско-американската активистка од страна на Израел на Западниот Брег, јавува Анадолу.
„Ова е ужасен инцидент што треба да се разјасни. За тоа се одговорни израелската армија и Владата“, рече заменик портпаролот на Министерството за надворешни работи, Кристијан Вагнер, на прес-конференција во Берлин.
Ејги (26) беше застрелана од израелските сили во петокот додека учествуваше на демонстрации против илегалните еврејски населби во градот Беита.
Извештајот од обдукцијата потврди дека таа била убиена од израелски снајперски куршум во главата, изјави во саботата гувернерот на Наблус, Гасан Дагхлас.
Ејги била активно вклучена во движењата за поддршка на палестинските права. Нејзината смрт предизвика бес и повици за одговорност и од локалната и од меѓународната заедница.
Вагнер, исто така, остро го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој стои до мапата на која Западниот Брег е дел од израелската држава.
„Мапата што ја видовме зад израелскиот премиер на прес-конференцијата е неприфатлива“, рече тој, додавајќи дека дводржавното решение е „патот за решавање на конфликтот на Блискиот Исток“.
Нетанјаху минатиот понеделник претстави мапа која ги избриша границите на Западниот Брег, што Палестинците го сметаат за јасна декларација за анексија на територијата од страна на Израел.
Израелската армија во средата ја започна својата најголема воена офанзива на северниот дел на Западниот Брег во последните две децении, во којашто загинаа најмалку 33 лица, и предизвика хаос во регионот.
Офанзивата се случи во време на зголемени тензии на окупираната територија додека Израел продолжува со својот брутален напад врз Појасот Газа, во кој од 7 октомври досега загинаа речиси 41.000 Палестинци, главно жени и деца.
Најмалку 685 луѓе загинаа оттогаш, а над 5.700 се повредени во израелски оган на Западниот Брег, според Министерството за здравство.