Erbil Başay
20 Јуни 2022•Ажурирај: 21 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија ги намали очекувањата дека Шведска и Финска ќе се приклучат на Алијансата на Самитот на лидерите на НАТО што ќе се одржи во Мадрид, главниот град на Шпанија, на 29 и 30 јуни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од извори блиски до германската Влада, пред Самитот на лидерите на НАТО се наведува дека германската Влада ги поддржала барањата на Шведска и Финска за членство во НАТО.
Од друга страна, во соопштението се нагласува дека Туркије (Турција) изјавила дека сè уште има отворени прашања во врска со борбата против тероризмот и дека Германија е на мислење дека „ќе биде неопходен и можен конструктивен дијалог меѓу потенцијалните сојузници и сегашните блиски партнери за да се земат предвид релевантните легитимни безбедносни интереси.“
Исто така, во соопштението се наведува задоволството дека овој тип дијалог засега продолжува.
- „Да се чека уште неколку недели, нема да биде катастрофа“ -
Во соопштението се нагласува дека германската Влада е оптимист дека ќе биде отворен патот за Шведска и Финска да влезат во Алијансата и се тврди дека вклучувањето на двете земји во НАТО има историска димензија.
Меѓу другото, се наведува дека би било добро да се преземат конкретни чекори во Мадрид, но „со оглед на неговата историска димензија, не би било катастрофално да се чека уште неколку недели за тоа“.
Потенцирајќи дека германската Влада верува дека во блиска иднина ќе се најде добро решение меѓу Шведска, Финска и Туркије и дека за двете земји ќе биде отворен патот кон НАТО, во соопштението се вели: „За нас е важно да нема непремостливи потешкотии. Оптимисти сме дека ќе се најде решение во согласност со легитимните интереси на двете земји кандидати и Туркије, меѓу кои се водат преговори.“