Mesut Zeyrek
10 Март 2023•Ажурирај: 11 Март 2023
КЕЛН (АА) - Надлежните германски власти соопштија дека не постојат докази за терористичка заднина на вооружениот напад во кој беа убиени седум лица во црквата на Јеховините сведоци во Хамбург, пренесува Анадолу.
Полицијата соопшти дека во синоќешниот напад загинале седум лица, меѓу кои и неродено бебе, а уште осум лица се ранети.
Нападот го извршил поранешен припадник на таа верска група, 35-годишниот Филип Ф., кој наводно се самоубил откако полицијата влегла во зградата.
Локалниот функционер Енди Грот го окарактеризираше нападот како повеќекратно убиство.
„Никогаш претходно не доживеавме напад од вакви размери, настан како овој. Ова е најлошото злосторство во поновата историја на нашиот град“, рече Грот.
Напаѓачот Филип Ф., го извршил нападот со полуавтоматско оружје. Пред година и пол, тој доброволно ја напуштил Конгрегацијата на Јеховините сведоци.
Полицијата и обвинителството соопштија дека истрагата продолжува, но дека нема докази дека нападот имал терористички карактер.