Ayhan Şimşek
07 Декември 2022•Ажурирај: 08 Декември 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската полиција уапси група екстремни десничари и поранешни воени офицери за планирање напади со цел создавање хаос низ државата и преземање на власта, соопштија денеска германските власти, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дваесет и пет осомничени лица се уапсени во координирани рации во 11 сојузни покраини, меѓу кои и Тирингија, Хесен и Долна Саксонија“, соопшти Федералното обвинителство.
„Најголем дел од осомничените се поддржувачи на екстремно десничарското движење „Граѓаните на рајхот“ (Рајхсбургер); тие минатата година формирале терористичка група со цел да го соборат демократскиот, уставен систем на Германија“, изјавија обвинителите.
Во опсежните рации, 3.000 безбедносни службеници извршија претреси во куќи и деловни објекти на над 50 осомничени за собирање докази, во кои се запленети разни документи и електронски уреди.
Поранешен војник на елитната германска Единица на специјалните сили КСК и неколку резервисти на Бундесверот, германската Армија, се меѓу осомничените.
- Планови за формирање влада по државниот удар -
Според обвинителите, Хајнрих Ројс, потомок на благородничко семејство, бил водачот на групата.
Заедно со поранешниот германски воен офицер Рудигер фон П., планирале воен удар за соборување на власта и „промена на системот“ во земјата.
Осомничените одржувале редовни состаноци и разговарале за нивните планови, дури и назначиле министри за Владата по пучот.
„Биргит Малсак-Винкеман, поранешен пратеник од десничарската Алтернатива за Германија (AfD), е еден од осомничените, кој бил планиран за министер за правда“, соопштија надлежните.
Членовите на движењето „Граѓаните на рајхот“ се групи и поединци кои го отфрлаат постоењето на Сојузна Република Германија и нејзиниот правен систем поради различни мотиви и по различни основи.
Многу од нив одбиваат да плаќаат даноци и често се во судир со властите. Германската разузнавачка агенција проценува дека движењето има околу 21.000 следбеници.