Erbil Başay
01 Јуни 2022•Ажурирај: 02 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека Германија ќе обезбеди противвоздушен систем од типот „Ирис-T“ на Украина, која е во војна со Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шолц се обрати на Генералното собрание како дел од тековните дискусии за буџетот во Бундестагот.
Наведувајќи дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина со сите средства што ги има, Шолц рече: „Путин не смее да ги постигне своите цели.“
Истакнувајќи дека покрај финансиската и економската поддршка, Германија на Украина ќе ѝ испорача и оружје, Шолц нагласи дека Владата одлучила на Украина да ѝ го обезбеди најмодерниот систем за противвоздушна одбрана „Ирис-T“.
„Со тоа, Украина ќе ја донесеме во позиција од која може да заштити голем град од руски воздушни напади“, рече канцеларот Шолц.
Покрај тоа, тој истакна дека на Украина ќе ѝ обезбедат модерен радарски систем и дека заедно со Холандија ќе ѝ достават најмодерни хаубици.
Одбивајќи ги критиките дека Германија не ѝ дала оружје и муниција на Украина, рече дека веднаш по почетокот на војната Германија ѝ дала воздушни и противтенковски ракети кои на Украина ѝ биле потребни во тој момент. Додаде дека потоа за Украина обезбедиле 15 милиони куршуми, 100.000 рачни бомби, над 5.000 противтенковски проектили, мини, митралези и друга опрема.
Шолц, меѓу другото, потсети дека и украинската Влада потпишала договор со германската одбранбена индустрија за купување на тенкот од типот „Гепард“.
- „Нашата цел е Путин да не победи“ -
Повторувајќи дека Путин не треба да ја добие војната, Шолц рече: „Има дискусии за целите на војната. Нашата цел е Путин да не победи. Нашата цел е Украина да може да се одбрани и на тој начин да биде успешна.“
Шолц, исто така, подвлече дека Украинците ќе си ги носат одлуките во врска со Украина.
Бранејќи ги санкциите наметнати од Европската Унија (ЕУ) против Русија, Шолц додаде: „Ова се сеопфатни и ефективни санкции. Путин не го очекуваше ова.“
Германскиот канцелар побара да не се наруши единството што се покажува досега во однос на ова прашање.