Ekipa
12 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
ДОРТМУНД (АА) - Германската полиција во сите насоки го истражува синоќешниот напад врз автобусот со играчите на Борусија Дортмунд и верува оти станува збор за напад чија цел беа играчите, јавува Anadolu Agency (AA).
Близу местото на нападот врз автобусот со играчите на Борусија Дортмунд, полицијата пронајде писмо во кое се презема одговорност за нападот, но полицијата одбива да изнесе детали за содржината на писмото додека не се провери неговата автентичност.
Претходно, претседателот на полициската управа на Дортмунд, Грегори Лонг, изјави дека се работи за напад чија цел биле играчите на Дортмунд и дека се води истрага за обид за убиство.
Три експлозии се случија во близина на градскиот стадион во Дортмунд, каде што синоќа германскиот клуб требаше да го одигра првиот натпревар во четвртфиналето од Лигата на шампионите против АС Монако.
Во експлозијата е повреден одбранбениот играч Марк Бартра, кој седел до прозорецот. Според германските медиуми, тој се здобил со скршеница на зглобот и на раката, и е на операција. Полицијата исто така соопшти дека полицаецот кој на моторот го следел автобусот со играчите претрпел шок.
Одложениот натпревар на Лигата на шампиони меѓу Борусија Дортмунд и АС Монако, како што е најавено, ќе се одигра денес во 18.45 часот.