Gamze Türkoğlu Oğuz
25 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
АНКАРА (АА) – Група кинески лекари заминале за Северна Кореја за да бидат консултирани за здравствената состојба на севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, за чие здравје се шпекулира во последните неколку недели, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите во американскиот печат, делегација од лекари предводена од висок функционер на Кинеската комунистичка партија во четвртокот од Пекинг заминале во Северна Кореја.
Меѓународната канцеларија за врски и кинеското Министерство за надворешни работи не дадоа никакви информации во врска со тоа.
- Контрадикторни информации за здравјето на Ким -
Јужнокорејскиот весник „Донг-а илбо“ напиша дека американски службеник го видел Ким „како шета сам во Вонсан помеѓу 15-20 април“.
„Бидејќи некои од асистентите на Ким и од високите функционери се заразени со Ковид-19, Ким, како мерка за претпазливост, го напуштил Пјонгјанг, каде што има голема густина на населението“, изјави американскиот службеник.
Според веста на страницата „Дејли НК“ со седиште во Сеул, заснована врз извор кој сака да остане анонимен, Ким на 12 април имал кардиоваскуларна операција и е во процес на лекување.
Државната новинска агенција на Јужна Кореја, „Јонхап“, информираше дека владин претставник истакнал дека лидерот на Северна Кореја не е многу болен, а од друга страна сателитската телевизија на Хонгконг соопшти дека Ким е мртов. Оваа вест не беше потврдена од ниту еден официјален претставник.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, наведе дека гласините дека Ким е болен не ја одразуваат вистината. Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, пак во изјавата за „Фокс њуз“ рече дека американскиот народ треба да знае дека внимателно ја следат оваа ситуација.
На 15 април, Ким не присуствувал на роденденот на неговиот дедо Ким Ил Сунг, основачот на Северна Кореја. Неговото неприсуство на значајните настани, вклучувајќи го и роденденот, беше причина за шпекулации за неговото здравје.
Неучеството на неговиот татко, Ким Џонг Ил на 60-годишнината од основањето на земјата во 2008 година, доведе до исти вакви гласини. Потоа се покажа дека е парализиран.