Ali Cura
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
МИНСК (АА) - Државниот граничен комитет на Белорусија соопшти дека голем број нерегуларни мигранти се на пат кон полската граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според новинската агенција „Белта“, во соопштението на Комитетот се наведува дека белоруската страна ги презела неопходните мерки за да се обезбеди непречено функционирање на меѓународните комуникациски канали и да се обезбеди сигурност на бегалците кои се движат по патот.
„Полските граничари соопштија дека протеруваат илјадници мигранти назад кон границата на Белорусија. Рамнодушноста и нечовечкиот однос на полските власти ги поттикна бегалците да преземат слични очајни чекори“, се вели во соопштението.
Во август 2020 година во Белорусија се одржаа претседателски избори, а на изборите победи актуелниот претседател Александар Лукашенко.
Опозиционерите извесен период организираа протести во земјата со образложение дека изборите се наместени.
Европската Унија (ЕУ) не ги призна изборите на кои победи Лукашенко и почна да воведува санкции за многу поединци и државни институции, вклучувајќи го и Лукашенко.
Во својот говор на 6 јули, Лукашенко, потсетувајќи на процесот за суспендирање на Договорот за реадмисија со ЕУ, рече дека по ставовите на Западот кон Русија и Белорусија тие веќе не можат самите да ги преземат луѓето што бегаат од војните.
Нагласувајќи дека нема да ги задржат бегалците што доаѓаат во Белорусија за да одат во Европа, Лукашенко додаде: „Оние кои мислат дека ќе ги затвориме границите со Полска, Литванија, Латвија, Украина и ќе станеме „населено место“ за бегалците од Авганистан, Иран, Ирак, Либија, Сирија и Тунис, грешат. Ние нема да задржиме никого. Тие не доаѓаат кај нас, тие одат во просветлена, топла, удобна Европа.“
ЕУ ја обвинува белоруската администрација дека „ја користи нерегуларната миграција како алатка и дека се обидува на овој начин да ја дестабилизира Унијата“ со испраќање мигранти од земји како што е Ирак до границите на земјите на ЕУ, Полска, Литванија и Латвија.