АГДАМ (АА) - Некогашниот познат град Агдам, кој беше обележје на културата и бизнисот во регионот Карабах, во југозападен Азербејџан, претворен е во град на духовите откако е целосно уништен за време на 27-годишната ерменска окупација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ерменските сили окупираа 77 проценти од Агдам во 1993 година, раселувајќи илјадници цивили од областа што беше повторно заземена и ослободена од страна на силите на Азербејџан на 20 ноември 2020 година.
Илјадници домови, продавници, историски и религиозни места беа уништени од страна на ерменските сили откако го окупираа градот во 1990 година и предизвикаа штета во вредност од милијарди долари на цивилната инфраструктура.
„Градот беше целосно уништен. Дури и историските и религиозните места беа уништени од страна на окупаторските сили на Ерменија“, рече за АА, Умид С. Исазада, специјален пратеник на претседателот за областа Агдам.
„Досега, точните бројки на уништените домови и продавници не се достапни бидејќи утврдувањето е во тек, но бројките се во илјадници“, додаде тој.
Во неделата, АА заедно со медиумската делегација од Пакистан ја посети областа Агдам, каде што Исазада ги информираше за напорите за реконструкција и за уништувањето спроведено од ерменските сили во текот на окупацијата.
Пред 1993 година, Агдам беше познат и најголем град од регионот Карабах, со илјадници жители и десетици илјади хектари обработливо земјиште. Исто така имаше аеродром и железнички станици кои сега се во урнатини.
Градот бил основан во 18 век и според локалните власти бил наречен Агдам (со значење „Бел покрив“) од страна на владетелот на Карабах, Пана Али Хан, чиј гроб и тврдина исто така се наоѓаат таму.
- Ерменските сили го уништија гробот на Хан -
Палатата на Пана Али Хан беше исто така претворена во урнатини од страна на ерменските сили, дури и гробот на Хан и гробовите на членовите на неговото семејство што се наоѓаат во просториите на тврдината, беа исто така уништени.
„Пред окупацијата, имаше градина. Насекаде имаше цвеќиња, музеи, џамии. Но Ерменија ги уништи сите овие историски и места со знаменитости. Дури и гробовите на Хан и на неговото семејство беа уништени“, изјави Исазада.
„Ова беше рај оставен од страна на владетелот на Карабах. Но денес, тој изгледа како Хирошима од Кавказ“, додаде тој.
Терминот „Хирошима од Кавказ“ е користен од луѓето од Азербејџан за градот Агдам бидејќи Ерменија го уништи целиот град и ниту една зграда не постои во нејзината првобитна состојба.
Музејот за леб во Агдам, што беше основан во 1983 година, се наоѓаше пред палатата на Хан. Но само предниот ѕид на музејот останал додека преостанатата структура е целосно уништена.
„Имаше 2.800 експонати во музејот, но сè беше уништено од страна на окупаторските сили и денес таму може да видите само урнатини“, кажа претставникот, додавајќи дека државниот Драмски театар на Агдам, изграден во 1955 година, исто така е урнат.
„Уништувањето на религиозните, историските и културните места во Карабах ја покажа омразата на Ерменија кон муслиманите“, рече Исазада.
- Штета во вредност од милијарди долари -
Во март, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, рече дека меѓународните организации и експертите ќе ја проценат штетата направена за време на 30-годишната ерменска окупација.
Турал Ганјали, член на Парламентот од регионот на Карабах, рече дека експертите сега ја пресметуваат штетата.
„Сега нашите експерти ја пресметуваат штетата што му беше нанесена на Азербејџан во текот на окупаторските години. Јас ги немам точните бројки, но можеме да кажеме дека најверојатно стотици милијарди долари штета е нанесена“, рече Ганјали.
„Магнитудата на штетата е огромна“, додаде.
Претходно, Алиев кажа дека зградите во регионот биле ограбени и уништени, бидејќи целта на ерменските сили била Азербејџанците никогаш повеќе да не живеат таму.
„Ние ќе живееме тука! Ние ќе живееме засекогаш. Ние ќе ги обновиме сите овие згради, сите. Забележете што остана од нив. Дали некоја меѓународна организација го започна ова прашање во последните 30 години? Дали некој мониторинг беше спроведен тука?“, рече тој.
„Тие не оставија позади себе ниту една безбедна зграда“, забележа тој, додавајќи дека Ерменците ќе одговараат за ова уништување пред меѓународните судови.
- Реконструкција на Агдам -
Владата на Азербејџан веќе го потврди планот за обнова на градот Агдам и работата е во тек на неколку проекти, вклучително и изградба на домови и станови за раселените лица.
Владата исто така одлучи да го прогласи стариот град за музеј на отворено и да изгради „Музеј на победата“, во близина на разурнатиот град.
„Ние нема да го обновиме само музејот, тој ќе биде дел од музејскиот комплекс под отворено небо за да го покаже ерменскиот вандализам на светот и на идните генерации“, рече Исазада.
Според планот, Владата гради нов град што ќе биде најголем во Карабах и четврти најголем град во државата.
Градот ќе има капацитет да смести околу 100.000 луѓе.
„Новиот град ќе има центар, четири големи паркови, туристички места, индустриска зона, музејски комплекс, вештачко езеро и канал, комерцијални објекти, училишта, болници, две големи џамии, спортски комплекс, трамвај и широки патишта“, рече претседателскиот советник за Агдам, додавајќи дека Владата исто така го одобрила формирањето на Универзитетот „Карабах“ во Агдам, што ќе прими 10.000 студенти.
„Ова ќе биде нов и еколошки град“, додаде тој.
Односите помеѓу поранешните советски републики Азербејџан и Ерменија се напнати од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, исто познат како Горен Карабах, територија признаена како дел од Азербејџан и седум соседни региони.
Пред Втората карабахска војна, околу 20 проценти од територијата на Азербејџан, вклучително и Нагорно Карабах, беа под ерменска окупација околу три децении.
Новите судири избија на 27 септември и ерменската Армија 44 дена продолжи со нападите на жителите и силите на Азербејџан, дури и прекрши три хуманитарни договори за прекин на огнот.
На 10 ноември, двете држави потпишаа договор со посредство на Русија за ставање крај на борбите.