Davit Kachkachishvili
20 Ноември 2021•Ажурирај: 21 Ноември 2021
ГОРИ
Поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, кој беше лишен од слобода на 1 октомври, префрлен е од затворската болница во Тбилиси во поопремена воена болница, известува Агенција Анадолија (АА).
Неговиот адвокат Ника Гварамија соопшти дека Саакашвили, кој се наоѓаше во болницата во затворот во Глдани, се онесвестил на 18 ноември и дека околу полноќ бил префрлен во воената болница во Гори.
Гварамија вчера информираше дека Саакашвили, доколку биде префрлен во болницата во Гори, ќе го заврши штрајкот со глад што го започна на 1 октомври откако беше лишен од слобода.
Со префрлувањето завршен е и штрајкот со глад што во знак на поддршка кон Саакашвили го водеа и десетина парламентарци и познатиот оперски уметник Паата Бурчуладзе.
Саакашвили, по 8 години, на 1 октомври се врати во земјата, кога беше лишен од слобода.
Грузиското обвинителство распиша потерница по Саакашвили, кој е обвинет за растерување опозициски собир, одземање имот на основачот на телевизискиот канал „Имеди“, Бадри Патаркачишвили, корупција и злоупотреба на својата позиција, како и за претепување на својот заменик. Градскиот суд во Тбилиси го осуди Саакашвили на три години затвор во 2018 година поради злоупотреба на амнестијата во случај на убиство.
Саакашвили во 2013 година ја напушти Грузија и замина во САД откако му истече претседателскиот мандат.
Потоа Петро Порошенко, претседателот на Украина, му додели на Саакашвили украинско државјанство во мај 2015 година. Саакашвили е именуван за гувернер на Одеса, но поднесе оставка на таа позиција во 2016 година.
Грузиското државјанство му е одземено на 4 декември 2015 година, а Саакашвили, кој во Украина ја основаше Партијата на движење на новите сили, беше во опозиција.
Новиот украински претседател Владимир Зеленски во 2019 година повторно му даде украинско државјанство на Саакашвили.