Levent Tok
11 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Терористичката организација ДЕАШ, без да се судри со ПКК/ПЈД, за два дена се повлече 45 километри од градот Деир ез-Зор, кој се наоѓа близу границата помеѓу Сирија и Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на операцијата што ПКК/ПЈД ја започна во саботата, со поддршка на САД, оваа организација брзо напредува во руралниот регион североисточно од Деир ез-Зор.

Според информациите добиени од локални извори, терористичката организација ДЕАШ брзо се повлекува од поголемиот дел од овој регион што претходно го држеше под контрола, во правец на југозапад.
Благодарение на тоа, од утринските часови во саботата до денес, ПКК/ПЈД успеа да навлезе околу 45 километри без да влезе во судир.
Областите Бир Думајн, Хуџејф Зараф, Алиџе, Фајдат ез-Зараб, Вади Ел Хумејр, Ебу Шакира, северно од центарот на градот, каде што се наоѓаат и индустриската зона, како и магацините за текстил, паднаа под контрола на ПКК/ПЈД.
Силите на терористичката организација ПКК/ПЈД стигнаа на шест километри од градот Деир ез-Зор кој е под контрола на силите на Башар ал Асад.
ДЕАШ во јули 2014 година го презеде поголемиот дел од Деир ез-Зор, каде што пред граѓанската војна живееја околу 230.000 жители.
Оваа организација доминираше во руралните региони, држејќи ги под опсада силите на режимот, кои се наоѓаа во центарот на градот.
На 5 септември, движејќи се од запад, силите на режимот пристигнаа во центарот на градот Деир ез-Зор и ја скршија опсадата на ДЕАШ.
Но, силите на режимот кои добиваа поддршка од Русија, не продолжија да напредуваат.
Оваа ситуација беше толкувана со објаснувањето дека реката Еуфрат, која поминува низ градот Деир ез-Зор, можеби е граница на поделба меѓу режимот и ПКК/ПЈД.
САД и Русија официјално не соопштија дали има некој договор или зделка во врска со Деир ез-Зор.