Seyit Ahmet Aytaç
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Џина Хаспел, директорката на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на Соединетите Американски Држави (САД), во текот на посетата на Турција ја преслуша лентата со снимката од испитувањето и убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, објави „Вашингтон пост“ (Washington Post), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Според наводите на луѓето кои се запознаени со нејзините активности, Хаспел во понеделникот тајно отпатува за Турција, а во текот на нејзината посета ја преслуша аудиоснимката“, наведува американскиот дневен весник, и додава:
„Лице, кое е запознаено со содржината на аудиоснимката, рече дека е ’впечатлива‘, и дека би можела да го зголеми притисокот САД да ја повикаат Саудиска Арабија на одговорност за смртта на Кашоги.“
Џамал Кашоги, колумнист на „Вашингтон пост“, последен пат е виден на 2 октомври како влегува во саудискиот Конзулат во Истанбул.
По неколкудневно негирање дека поседува какви било сознанија за неговиот престој во Конзулатот, претставниците на Саудиска Арабија минатата недела потврдија дека Кашоги е убиен во текот на расправија во Конзулатот.