Muhsin Barış Tiryakioğlu
20 Февруари 2018•Ажурирај: 20 Февруари 2018
АНКАРА (AA) - Американската компанија „Нобл“ („Noble“) во Израел и израелската компанија „Делек“ („Delek“) потпишаа два договора со компанијата „Долфин енерџи“ („Dolphin Energy“) од Египет за снабдување со 65 милијарди кубни метри природен гас во следните 10 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението објавено на веб-страницата на „Нобл“, договорите вклучуваат на Египет до 2030 година да му се дистрибуираат вкупно 65 милијарди кубни метри природен гас, по 32,5 милијарди кубни метри од изворите Тамар и Левијатан во Медитеранот.
Првиот дел од гасот што ќе се користи во сферите на индустријата, петрохемиската индустрија и електрична енергија, се планира да се испорача во Египет до крајот на 2019 година.
Заменик-претседателот на „Нобл енерџи“, Гери В. Вилинхам, во неговата изјава истакна дека „договорите ја покажуваат моќта на регионалниот пазар на природен гас“.
Весникот „Хаарец“ („Haaretz“) посочи дека потрошувачката на гас во Египет е поголема од неговото производство.
Во договорот се наведува дека рутата на гасоводот што ќе се користи за пренос на природен гас сè уште не е разјаснета.
Постојат 280 милијарди кубни метри резерви на гас во полето Тамар во Израел и 622 милијарди кубни метри резерви на гас во гасоводот Левијатан. Производството на природен гас веќе се спроведува во областа Тамар, а производството во Левијатан се очекува да започне во 2019 година.