Selen Temizer
18 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
БРИСЕЛ (АА) – Европската комисиј изрази загриженост поради зголемениот број деца и тинејџери без придружба што мигрираат во земјите на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Децата кои мигрираат се особено ранливи поради нивната возраст, нивната оддалеченост од домот и честопати нивната одвоеност од родителите или старателите и бараат специфична и соодветна заштита“, изјави за АА портпаролката на Комисијата, Киара Ботомли.
Вкупниот број барања за азил поднесени во ЕУ во септември ги надмина нивоата пред пандемијата на коронавирусот, меѓу кои и 2.800 деца без придружба, покажуваат најновите податоци на европскиот статистички институт „Евростат“.
„Статистиката за која станува збор вклучува деца кои влегле на територијата на ЕУ без придружба на возрасно лице и оние кои биле напуштени по влегувањето“, објави „Евростат“.
Таа додаде дека во комуникацијата од 2017 година за заштита на децата во миграција, Комисијата ја сигнализираше потребата земјите членки да преземат акција за да одговорат на потребите на децата без придружба.
„Ситуацијата може да се подобри со подобрување на собирањето податоци и прекугранична соработка со релевантните органи, обезбедување дека лицето одговорно за заштита на децата е присутно во рана фаза и дека ќе бидат извршени протоколите за систематско известување и реагирање на сите случаи на исчезнати деца без придружба“, појасни таа.
Осврнувајќи се на новиот пакет на Комисијата за миграција и азил, таа рече дека новите правила „ќе осигурат дека најдобриот интерес на детето е примарно внимание при донесувањето одлуки“.
„За време на скрининг процедурата, индивидуалните проценки ќе ги земат предвид специфичните потреби на децата, со приспособени дејства што ги одразуваат посебните потреби на децата во секоја фаза“, рече Ботомли, додавајќи дека особено внимание се посветува и на обединувањето на семејството.
Според последните податоци на Евростат, малолетниците без придружба најмногу доаѓаат од Авганистан, Сомалија, Гвинеја, Сирија, Албанија, Камерун, Еритреја и Гамбија.
Австрија прими 660 барања за азил, Белгија 390, Холандија 300, Бугарија 245 и Германија 230. По нив следуваат Грција, Италија, Шпанија и Романија со над 100 барања.
- Расте бројот на малолетни бездомници -
Брисел, главниот град на втората земја каде што се примаат најголем број барања во име на овие деца, во текот на изминатите месеци забележа зголемување на бројот на бездомни малолетници без придружба.
Кризата беше предизвикана од недостатокот на засолниште за бегалците.
Коен ван ден Брук од Здружението „Улични медицински сестри“ (Infirmieres de Rue) со седиште во Брисел, за АА изјави дека медицинските сестри волонтери, кои одат низ улиците на Брисел ноќе за да им помогнат на бездомниците, забележале значително зголемување на бројот на деца мигранти без придружба.
Брук рече дека проблемот предизвикан од масовниот прилив на мигранти од Авганистан, Сирија и Ирак, не може да се реши поради пропустите во социјалната политика на државата. „Државата треба да им обезбеди сместување на прво место“, рече тој.
Мајкл Женет од Здружението „Доктори на светот“ во Белгија рече дека ќе биде потребно време за проектите што моментално ги спроведуваат невладините организации да го решат проблемот со децата без придружба.
За да се справи со ова прашање, Женет истакна дека се потребни решенија на државно и ниво на ЕУ.