Şerife Çetin
30 Април 2019•Ажурирај: 01 Мај 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) на уште една година ги продолжи санкциите кон властите на Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Европскиот совет соопшти дека санкциите за Мјанмар се продолжени до 30 април 2020 година, а станува збор за ембарго на оружје и стока кои можат да бидат користени во воени цели.
Поради утврдените сериозни кршења на човековите права во покраините Качин, Аракан и Шан, ЕУ ги продолжи санкциите кои претходно се воведени и за 14 воени и полициски официјални претставници на Мјанмар.
Европската Унија ги повика властите на Мјанмар итно да преземат конкретни чекори во насока на почитување на меѓународните норми и крај на обесправувањето на муслиманското малцинство во Аракан.
Муслиманите Рохинџа, опишани од Обединетите нации (ОН) како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако повеќе десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџа се убиени од безбедносните сили на Мјанмар, според извештајот на Меѓународната агенција за развој Онтарио (OIDA).
Нападите прераснаа во класичен облик на етничко чистење, а мјанмарската војска запали стотици муслимански села. Во соседен Бангладеш се протерани 745.000 Рохинџи.