Ekipa
22 Јуни 2020•Ажурирај: 23 Јуни 2020
БРИСЕЛ (АА) - Коментирајќи ги заканите на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси за можната воена интервенција во Либија, портпаролот на сервисот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Питер Стано, рече дека ЕУ е загрижена поради таквите изјави кои не придонесуваат за смирување на тензиите и за мировниот процес во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На народот на Либија не му требаат нови ескалации, не му требаат нови конфронтации и судири. Во тој контекст, неодамнешните изјави и декларации предизвикуваат длабока загриженост“, рече Стано.
Тој ги повика меѓународните актери вклучени во процесот на решавање на кризата во Либија да работат исклучиво на релаксирање на тензиите, а не да предизвикаат нивна ескалација.
Египетскиот претседател Ал Сиси во саботата го посети градот Матруча на египетско-либиската граница и притоа рече дека доколку е потребно, официјален Каиро може да започне воена интервенција во Либија. Тој додаде дека секоја интервенција во Либија станала и меѓународно легитимна.
Ал Сиси ја повика Армијата на целосна подготвеност за извршување на какви било мисии во Египет или надвор од неговите граници.
Меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија вчера остро ја осуди заканата на Ал Сиси и ја оцени како своевидна објава на војна.